Искање


Означено з Пријава на платформата x Дигитални докази x Πίεση x �������������� x

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ (FALSE REPORTING)

Злоупотреба на механизмите за пријавување (reporting) или означување (flagging), лажни тврдења за кршење авторски права или други прекршувања на условите за користење или на правилата и прописите на социјалните мрежи, со цел блокирање, суспендирање или спречување поголемо дигитално учество.

Повторното преземање контрола врз нашите онлајн профили честопати е тежок процес. Постапките за жалба во случај на суспензија на повеќе социјални мрежи се скапи – како во смисла на времето, така и во смисла на ресурсите. Дури и кога жалбите ќе бидат успешни, оние кои лажно пријавиле на самиот почеток ја постигнале целта – да не бидете присутни на интернет-просторот определен временски период.

Најпознатиот случај на лажно пријавување во Србија (поради прекршување на условите и услугите на социјалната мрежа) е суспендирањето на официјалниот профил на Народниот правобранител на Србија на YouTube:

https://resursi.sharefoundation.info/sr/resource/kako-mreze-ureduju-javni-prostor-youtube-protiv-ombudsmana/

Дигитални докази Пријава на платформата Тактика Идентитет Притисок

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Клеветата и навредата, според измените на кривичното законодавство пред десетина години, во Република Северна Македонија не претставуваат кривично дело, освен ако не станува збор за навреда на државни симболи и слично ( Повреда на угледот на Република Македонија во Член 178, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците во член 179, Повреда на угледот на странска држава во член 181, Повреда на угледот на меѓународна организација во член 182 и Исклучување на одговорност за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 во член 182-а кој предвидува дека за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 исклучена е одговорноста за новинар при вршење новинарска професија, како и за други лица доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење).

Одговорноста за навреда е регулирана со член 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со којшто се предвидува дека „за навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. За навреда сторена преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице“. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за навреда. Издавачот, уредникот или лицето што го заменува во средството за јавно информирање и правното лице кое го издава средството за јавно информирање, за навреда сторена од новинарот во тоа средство кој е автор на изјавата, одговараат врз начелото на претпоставена одговорност. На идентичен начин со истиот закон е регулирана и одговорноста за навреда преку член 8, којшто гласи: „За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), за клевета можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.“ Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за клевета. Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето. Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

По исклучок, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој, како носител на јавна функција, има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување тврдење што е од јавен интерес. Притоа, не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен ако изнесувањето такви факти не е сторено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавното изразување, на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес. Ако клеветата се состои во јавно префрлање на друг дека сторил кривично дело или дека е осуден за такво дело, одговорноста е исклучена ако изјавата е дадена во јавен интерес и ако лицето кое ја дало ќе ја докаже нејзината вистинитост или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти. Притоа, за новинарски стории, се гарантира заштитата на изворот на информацијата како стандард на новинарската професија, односно законот предвидува дека: „Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета, според овој закон, не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите кои е должен да ги докажува“.

Покрај евентуалната досуда на материјална штета во вакви случаи, страната чиј интерес е повреден има право на демант и корекција во медиумот, односно според законот, ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување. Средството за јавно информирање го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако станува збор за периодични изданија, или во друго средство за јавно информирање, ако станува збор за непериодична публикација. Демантот, одговорот или исправката се објавува на истото место или време и во ист обем, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет-страница, најава во информативна програма, прилог).
Важно е притоа да се нагласи дека, во согласност со легислативата на Република Северна Македонија, електронските медиуми не подлежат на Законот за медиуми, што остава широк простор за толкување околу границите на слободата на изразување.

Исто така, целосно направете проценка на ситуацијата пред да започнете судска постапка, за да бидете сигурна дека лоша шега или остра критика не се сметаат за прекршок. Доколку судот одлучи така, исходот може да биде негативен за странката која го отпочнала случајот.

Ако го знаете идентитетот на сторителот, имате можност да барате отштета пред граѓански суд, иако во ваква постапка не можеме да се потпреме на поддршка од полицијата. Граѓанска парница може да се отпочне со тужба, а ако судот одлучи во ваша корист, тоа може да резултира со надомест на штета во материјална форма во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Проценка на ризикот е корисна алатка со која може да се оцени потенцијалното дело – кога се случило, зошто и од кого? На пример, ако објавите статија во врска со чувствително прашање во општеството, оваа алатка може да помогне во управувањето со ризикот – ќе оцените кои групи или поединци би можеле негативно да реагираат на статијата. Важно е да не се прикријат, интернализираат или нормализираат ваквите дела.

Изберете реакција со која и вие ќе се чувствувате безбедно и ќе ја намалите можноста за нанесување понатамошна штета, документирајте ги (или побарајте од семејството и пријателите да ги направат тоа) сите дејствија на клевета/понижување и информирајте се повеќе во врска со дигиталната безбедност, односно со механизмите за делумна заштита на социјалните мрежи.

Дигитални докази Пријава на платформата Блокирање на корисникот Репутација Тактика Кривична пријава

ЗАКАНИ

Станува збор за загрозување на физичката и емоционалната безбедност и благосостојба преку повикување за насилство врз одредена личност или група луѓе. Ова вклучува и закани за силување и други форми на родово базирано насилство.

Заканата е сериозен облик на напад и треба итно да се решава за да може што поскоро да се спречи нејзиното „прелевање“ во физичкиот свет. Секоја закана пријавете ја во полиција и до јавниот обвинител.

Бидејќи заканите честопати предизвикуваат страв и несигурност, член 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста) обезбедува соодветна правна основа за придвижување механизми за заштита.

Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирањето на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Доколку чувствувате психолошки притисок, побарајте и стручна помош, како и извештај од стручно лице – психијатриски вештак.

Освен што заканите ќе ги пријавите во полицијата и на дигиталните платформи, известете го исто така и вашиот работодавец и документирајте ги.

Ако сте во можност, заштитете го вашето ментално здравје така што ќе се одморите од социјалните мрежи, особено од оние места што можат да предизвикаат дополнителен стрес или страв за личната безбедност. Формирајте мрежа за поддршка која може да преземе на себе дел од работата за документирање на заканите. Уште еднаш – приоритет број еден секогаш треба да биде вашата физичка безбедност и ако некогаш почувствувате дека насилството преку интернет што го доживувате е можно да се „прелее“ во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Малвер Пријава на платформата Безбедност Сексуално вознемирување Новинар/ка Страв Медиуми Компјутер/лаптоп Кривична пријава

Пријавете кај платформата

Во случај некој да се претставува како да сте вие преку лажна е-пошта или преку сметка на социјалните мрежи, или ако сте предмет на вознемирување преку интернет, како што се кампањи за оцрнување, закани, ширење говор на омраза или демнење, треба да ја користите опцијата „Пријави“ (Report) за да ја информирате платформата за постоењето на овој проблем. Кога ќе го пријавите профилот или пораката за која станува збор, обично добивате опција да означите како биле прекршени вашите права и Условите за користење на платформата (некој се претставува како вас, вознемирување, итн.). Повеќе детали за ова може да се најдат на интернет-страницата на американскиот ПЕН центар .

Со цел да се спречи понатамошно вознемирување, силно се препорачува да ги блокирате тие корисници.

Дигитални докази Пријава на платформата Блокирање на корисникот Протекување на податоци Сајбер криминал

БОМБАРДИРАЊЕ НА GOOGLE (GOOGLE BOMBING)

Станува збор за намерно оптимизирање неточни и злонамерни информации на самите интернет-пребарувачи (т.е., на Google), со цел да се нанесе штета врз достоинството и угледот на жртвата.

Казнено-правниот систем експлицитно не го забранува ова дело, ниту го карактеризира како кривично дело. Од техничка гледна точка, бомбардирањето на Google не подразбира злоупотреба или манипулација со лични податоци. Напротив, тоа се смета за злоупотреба на самиот пребарувач (Google). Во одредени случаи, овој вид напад може да се гони врз основа на неовластен пристап до компјутер, компјутерска мрежа или електронска обработка, односно како Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем (член 251 од Кривичниот законик). Во овој конкретен случај, треба да се поднесе кривична пријава до полицијата, која ќе ги содржи и собраните докази (слика од екранот од резултатите од пребарувањето, анализа на оптимизацијата на пребарувањето итн.).

За претрпена штета во однос на угледот и достоинството, може да се бара компензација преку граѓанска правна постапка која се поведува преку тужба. Пред да се отпочне ваква тужба, неопходно е да се знае идентитетот на сторителот, како и доказите што го потврдуваат тврдењето дека постои злоупотреба на личните податоци и дека е предизвикана штета.

Со оглед на тоа дека алатките за менување на алгоритмите на пребарувачот се широко достапни, речиси секој може да ги менува резултатите во пребарувањето. Поради ова, мошне е тешко да спречите или да се заштитите од бомбардирање на Google.

Google има развиено екстензија за својот пребарувач – Google Meet Bomb Guard , која им овозможува на корисниците да ги блокираат сите учесници кои не биле поканети, како и генеричките сметки отворени на gmail од страна на организираните групи на Google Meet.

Погледнете ги и другите екстензии за пребарувачи што се достапни, а што може да помогнат во спречувањето на овој вид напад.

Дигитални докази Дигитална хигиена Претражувач Оштетување Пријава на платформата Репутација

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање итн. Сите овие информации може да се објавуваат на една или на повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Без разлика на тоа дали обелоденетите податоци се користат за вознемирување или не, самиот чин на неовластено објавување податоци се квалификува како доксинг и се смета за вид напад преку интернет. Кога доксингот доведува до непосредна опасност за безбедноста, тука е членот 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста), којшто може да обезбеди правна заштита. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете ѝ на полицијата детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Во определени ситуации, може да биде корисно да се обратите и до Агенцијата за заштита на лични податоци.

Според член 149 од Кривичниот законик, тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Документирајте го секој случај и локација на која се објавени вашите лични податоци и поднесете ги овие докази во полиција.

Веднаш пријавете доксинг и секакво друго неовластено објавување лични податоци на веб-локациите или на платформите каде што се објавени, како и на полицијата.

Интересирајте се редовно за она што сте го пријавиле за да бидете сигурни дека оние кои треба ќе одговорат. Итното делување е од клучна важност за да се спречи понатамошно ширење на вашите лични податоци на интернет.

На телефонот исклучете ги опциите за следење на локацијата, Google Maps и другите апликации што собираат ваши чувствителни податоци (локација, адреса, итн.).

Ставете строги контроли за приватност на вашите профили на социјалните мрежи и системи за автентикација во два чекори за сите најавувања на веб-локации кои ги чуваат вашите чувствителни податоци.

Разговарајте со луѓе на кои им верувате – колеги, пријатели, работодавци. Побарајте од полицијата да ја предупреди платформата да ги отстрани вашите лични податоци и користете механизми за пријавување што се достапни на самите веб-страници и на платформата.

Алатката DeleteMe ви помага во пронаоѓањето и отстранувањето на чувствителни податоци на интернет.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Протекување на податоци Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Идентитет Кориснички профил Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ОДМАЗДА ПРОТИВ ПОДДРЖУВАЧИТЕ

Пријателите, семејството, соработниците, колегите, работодавците, па дури и сведоците на злоупотребата е можно да бидат цел на ист или на сличен начин како и првичната жртва.

Одмаздата може да има многу појавни форми, па така може да се поврзе со различни кривични дела. Доколку нападот резултира со загрозување на безбедноста, соодветна правна основа за заштита може да обезбеди членот 144 од Кривичниот законик. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки.

Проценете дали нападот може да се оквалификува како прекршок, закана, вознемирување, доксинг, лажно обвинување или друга форма на дигитален напад. Идентификувањето на видот на нападот врз основа на обвиненијата кои се определени во Кривичниот законик може да ги зголеми вашите шанси за успех кога станува збор за пристап до правна заштита.

Покрај големиот број механизми за заштита, уште една корисна стратегија за спротивставување на нападот е јавно да се повика и да се осуди нападот без директно да се идентификува или да се именува сторителот. Ако се одлучите за оваа тактика, проценете го ризикот и продолжете да ги документирате проблематичните одговори, особено ако тие се клеветнички по природа. Бидете опкружени со пријателите, со семејството и со колегите: бројноста ја прави безбедноста.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Безбедност Поддршка Компјутер/лаптоп Кривична пријава